Ајакс мета на хакерски напад - жртви биле над 300.000 навивачи!
Хакерот искористил дигитален пропуст за да добие пристап до чувствителните системи на клубот, со што му се отворила можност да ги укине активните забрани за влез на натпреварите и да присвои илјадници сезонски билети, пренесуваат холандските медиуми.
Од клубот информираат дека безбедносниот проблем во меѓувреме е отстранет и дека е отворена истрага. Во официјалното соопштение се наведува дека хакерот успеал да добие пристап до делови од системите на Ајакс, а пропустот овозможил откривање лични податоци на повеќе од 300.000 регистрирани членови.
Иако од клубот изнесоа ограничен број детали, потврдија дека биле прегледани електронските адреси на неколку стотици лица. Дополнително, било пристапено до лични и чувствителни информации на помалку од 20 лица со забрана за влез на стадион.
Ајакс ги предупреди своите навивачи да бидат особено внимателни при примање сомнителни електронски пораки и да не отвораат прилози од непознати испраќачи.
Нападот ја загрозил и дигиталната инфраструктура за продажба на билети, па повеќе од 42.000 навивачи со купени сезонски билети можеле да бидат засегнати. Хакерот имал можност да ги злоупотреби билетите, целосно да ги присвои или да ги пренасочи за користење на други лица.