Џабе евроголовите: Башкими со играч помалку му даде три гола на Шкупи за пресврт! (ВИДЕО)

Чуден развој на настаните имаше единствениот денешен натпревар од Првата лига во кој Башкими го победи Шкупи со 3-2.

Првото полувреме речиси и да не донесе никакви возбудувања, ништо не се случуваше, па и мрежите мируваа.

Но ситуацијата драстично се промени веднаш во второто полувреме кога во почетните минути чаирчани кои сезонава ретко погодуваат дојдоа до водство од 2-0. Двата гола беа со удари од далечина прво Зибери стрелаше во 49-тата, а потоа и Чајани во 51-та минута.

Изгледаше дека Шкупи ќе приреди големо изненадување и првпат сезонава ќе победи, но тоа не се случи. Не помогна ниту исклучувањето кај Башкими во 72. минута кога црвен картон доби Ор.

Кумановскиот состав како да чекаше да добие и исклучување за да почне да игра. Црвен картон во 72. минута заработи Ори, а до крајот со играч помалку постигнаа три погодоци. Дефанзивцето Личина прво остана сам во шеснаесетникот по еден корнер и погоди за 2-1, а само минута подоцна Ферати си ја погоди сопствената мрежа за израмнување.

За комплетен пресврт се погрижи Рибеиро кој постигна гол во 88. минута, истиот играч ја погоди мрежата и во судиското продолжение, но тој беше поништен поради офсајд.