Падна отказ во Ла Лига: Севилја со нов стратег ќе брка опстанок

Eкипата на Севилја го потврди отказот за досегашниот тренер, Матијас Алмеида.

Еден од најголемите шпански клубови игра очајна сезона бидејќи по 29 кола се борат за опстанок и со 31 бод се на 16-тата позиција само три повеќе од Мајорка која е прва во опасната зона.

Отказот за аргентинскиот  стратег дојде по поразот од Валенсија на Столе Димитриевски која славеше со 2-0.

Алмеида ја водеше Севилја вкупно на 32 натпревари во кои успеа да оствари десет победи, а во клубот помина точно 265 дена. Исто така тој е осмиот стратег кој пристигна во клубот во последните четири сезони.

Во својата кариера беше тренер уште на: Ривер Плата, Банифилд, Гвадалахара, Сан Хозе Еартшејк и АЕК од Атина.