Панчев: Македонија нема што да загуби против Данска - можеме да ja изненадиме!

Легендата на македонскиот фудбал, Дарко Панчев, верува дека репрезентацијата на Македонија има шанса да направи изненадување против Данска во претстојниот полуфинален бараж за пласман на СП 2026, иако Скандинавците важат за голем фаворити.

Поранешниот голгетер потсети дека неговата генерација имала можност да игра против тогашниот европски шампион Данска во квалификациите за Европско првенство 1996.

„Мојата генерација имаше среќа да игра против тогаш актуелниот европски шампион Данска. Во Скопје одигравме одличен натпревар и ремизиравме, а јас неправедно добив црвен картон. Ако не се случеше тоа, можеби и ќе победевме бидејќи примивме гол во самиот финиш“, се присети Панчев во интервју за сајтот „Флешскор“.

Во реваншот во Копенхаген, Македонија загубила со 1-0, но Данците до победата стигнале дури во завршницата од мечот. Панчев смета дека и во претстојниот дуел Македонија може да ја искористи улогата на аутсајдер.

„Секогаш постои шанса. Играчите мора да веруваат и да се обидат, бидејќи немаат што да загубат. Данска е фаворит и притисокот е на нивна страна. Тоа може да им создаде проблеми. Ние сме без притисок и можеби ќе успееме да ги изненадиме“, истакна тој.

Доколку Македонија успее да ја елиминира Данска во Копенхаген, во финалето од баражот ќе се соочи со победникот од дуелот помеѓу Чешка и Република Ирска. Според Панчев, Ирците би ни била поповолен ривал.

„Чешка игра покреативен фудбал и знае да создава шанси. Ирците се попредвидливи со долги топки и воздушни дуели, па мислам дека против нив би биле поконкурентни“, смета Панчев.

Легендарниот напаѓач се осврна и на промените во македонскиот фудбал, откако на чело на Фудбалска федерација на Македонија застана Масар Омерагиќ, Горан Пандев стана спортски директор, а селекторската функција ја презеде Гоце Седлоски наместо Благоја Милевски.

„Сè уште е рано да се каже дали промените ќе бидат позитивни или негативни. Сепак, јас лично не би го сменил Милевски пред баражот за Светското првенство. Тоа беше и негов успех и ќе му дозволев да го заврши циклусот“, нагласи Панчев.

Панчев не е премногу оптимистичен кога станува збор за иднината на репрезентацијата. Според него, најголеми адути во моментот се капитенот Енис Барди и напаѓачот Бојан Миовски, но квалитетот кај младите категории не е на посакуваното ниво.

„Искрено, натпреварите на младата репрезентација не ми даваат многу надеж дека во скоро време ќе создадеме силна генерација. Се издвојуваат само неколку фудбалери како Меметриза Хамза, Матеј Гаштаров, Димитар Данев и Димитар Трајков, но генерално не гледам доволно квалитет кај останатите“, заклучи Панчев.

Целото интервју прочитајте го ТУКА.