Удар за МЗТ и Македонија: Магдевски го повреди коленото – ќе паузира подолг период!

Кошаркарот на МЗТ Скопје, Андреј Магдевски, заработи тешка повреда на коленото на понеделничкиот натпревар на домашен терен против Тиквеш и ќе мора да паузира подолг период, со што за него сезоната е предвреме завршена.

Немилиот настан се случи при продор кон противничкиот кош, кога македонскиот репрезентативец почувствува силна болка, по што падна на паркетот и веднаш беше повлечен на клупата. Дополнителните лекарски прегледи и направените снимања покажале дека станува збор за потешко оштетување на коленото, кое ќе бара подолг период на рехабилитација. Повредата на Магдевски претставува сериозен удар за МЗТ во финишот од сезоната, особено ако се има предвид дека поради повреди надвор од тимот се и Војдан Стојановски и Андреј Маслинко, додека уште неколку кошаркари имаат помали здравствени проблеми.

Ова е и проблем за репрезентацијата на Македонија, со оглед што Магдевски сигурно ќе ги пропушти јулските средби против Ирска и Луксембург од првата фаза од претквалификациите за ЕП 2029, како и дуелите што ќе се играат во август на стартот од втората претквалификациска рунда.