Подмладените кошаркарки бркаат ново изненадување на патот кон ЕП!

Женската кошаркарска репрезентација на Македонија денеска ги продолжува настапите во квалификациите за Европското првенство 2027 и тоа на гости кај Данска (18.30 часот) во склоп на четвртото коло од циклусот.

Нашите девојки токму против овој ривал ја оствари единствената победа досега, кога во Скопје славеше со минимални 79-78, но ситуацијата сега е значително поинаква. Освен што мечот се игра на гостински терен, селекторот Александар Ашаданов нема да може да смета на неколку важни кошаркарки. Најголемо отсуство е она на Анџелика Митрашиновиќ, една од најдобрите кошаркарки во историјата на македонската репрезентација, која зимава реши не само да се повлече од националниот тим, туку и целосно да ја заврши професионалната кариера. Покрај неа, во составот вечерва нема да бидат ниту Ивана Кметовска и Матеа Николиќ, па репрезентацијата настапува со значително подмладен тим.

Шанса добиваат неколку млади кошаркарки, пред кои стои голем потенцијал, но генерациската смена сепак ѝ дава фаворитска улога на селекцијата на Данска.

„Ни следува тежок натпревар на гостински терен со Данска. Овојпат одиме со доста подмладена екипа. Како што сите знаете, нашиот капитен Анџелика Митрашиновиќ, која ја имаше главната улога во репрезентацијата, се пензионираше. Но, ние сме мотивирани и со голема борба ќе се обидеме повторно да ја победиме Данска, како што направивме на домашен терен. Сепак се работи за нашата земја и треба да го дадеме максимумот“, изјави Илина Селцова, од која се очекува да преземе голем дел од одговорноста.

По три одиграни кола, Македонија се наоѓа на третото место во групата со биланс од една победа и два пораза.