За една недела Вардар двапати го победи Алкалоид во Автокоманда!

Вардар го доби првото дерби во плејофот откако со 33-32 го совлада Алкалоид на негов терен, ова за црвено-црните беше втора победа над истиот ривал во рок од само седум дена.

Алкалоид и Вардар играа во последното коло од регуларниот тек на сезоната, но овој меч се случи и на отворањето од плејофот во Суперлигата. Двата дуели ги добија црвено-црните.

Во поголем дел од првото полувреме беше изедначено, двете екипи се менуваа во водство, но како се ближеше крајот Вардар почна да се одлепува. Во еден момент поведе со четири разлика, беше 18-14, но момците на Лазаров успеаа да намалат малку и на одморот да заминат со два негатива, 17-19.

Вардарци ја држеа предноста во текот на целото второ полувреме, но малку фалеше од готово да направат вересија. При водство од 33-30 на нешто повеќе од три минути до крајот Воркапиќ промаши зицер обидувајќи се атрактивно да постигне гол. Тоа можеше да им се удри од главата на ракометарите на Вардар, за нивна среќа Алкалоид до крајот успеа да погоди само двапати. Конечниот резултат беше 33-32.

Грешката на Воркапиќ нема да му се земе при срце, тој беше најдобар на теренот кај Вардар со десет постигнати голови, Хориха и Да Силва реализираа по шест, Валах имаше девет одбрани. Во составот на Алкалоид Костески даде седум голови, Митев, Стојковиќ и Борзаш реализираа по пет пати.

Во овој термин се одигра и меч од плејаутот во кој Прилеп на гостински терен го совлада Радовиш со 34-25.