ФФМ нема веќе да толерира „двојни договори“ помеѓу играчите и клубовите!
ФФМ информира дека клубовите и фудбалерите се должни да ги достават договорите за професионално занимање со фудбал на верификација во ФФМ, односно пред комисијата за верификација на договори, согласно актите на ФИФА и македонската куќа на фудбалот.
„Согласно актите на ФИФА и ФФМ , фудбалските клубови и фудбалери се должни да ги доставуваат договорите за пoпрофесионално занимавање со фудбал на верификација во ФФМ, пред комисијата за верификација на договори. Тоа се правни дела кои мора да бидат склучени исклучиво врз основа на Стандардниот договор, усвоен од Управниот одбор на ФФМ. Само договори склучени на тој образец и верификувани од Комисијата имаат фудбалско значење во рамки на нашата организација.
Во пракса, добиваме индиции дека дел од клубовите и фудбалерите склучуваат договори надвор од оваа постапка. Согласно правилата и актите на ФИФА и ФФМ, тие договори не произведуваат фудбалско-правно дејство. Имено, договорите кои не се доставуваат во ФФМ, т.н. 'двојни договори', нема да се толерираат, односно нема да се признаваат. Упатуваме јасна и недвосмислена порака кон клубовите и фудбалерите: Правилата за регистрација, трансфер и статус мора да се применуваат доследно, како и прописите на ФИФА, така и Правилникот на ФФМ. Верификацијата не е формалност, туку механизам за заштита на сите страни, но и на интегритетот на системот. ФФМ ќе ја извести ФИФА за ситуацијата, со цел да бидат запознаени дека одредени договори се склучуваат со цел да се избегне домашната регулатива“, соопштија од ФФМ.
Останатите одлуки од седницата на Управниот одбор на ФФМ може да се прочитаат ТУКА.