Конечно, драма во Купот: Маџари скапо ја продаде кожата, ама Кожув е полуфиналист

По убедливите победи на ТФТ и МЗТ Скопје, првиот драматичен натпревар во Купот на Македонија го одиграа екипите на Кожув и Маџари.
 

Победи гевгелискиот тим со 84-80 по низа пресврти и благодарение на подобрата игра во последната четвртина. Кожув водеше и со 12 разлика во првото полувреме, но во второто имаше негатива од осум поени, па победникот се решаваше во самиот финиш.

Маџари го почна последниот период со водство од 68-64, но Кожув отвори со серија од 8-0 за преземање на водството или вкупно 13-2, вклучувајќи ја и подоцнежната низа. Скопскиот тим не се предаде, остана во игра до последната минута кога разликата изнесуваше еден посед (80-83). Двете екипи потоа пропуштија по неколку напади, но тоа му одеше во прилог на Кожув кој на десет секунди пред крајот преку Николас од линијата за слободни фрлања стави точка на мечот.

Теодор Симиќ беше убедливо најдобар поединец на мечот со 21 поен и 14 скока во својот можеби најдобар натпревар во дресот на Кожув. Левис го предводеше Маџари за кого ова беше деби на завршниот турнир во Купот на Македонија.