„Веруваме во себе, можеме да бидеме незгоден ривал за секого во Лигата на нации“

Македонската фудбалска репрезентација утре ќе ги дознае противниците за Лигата на нации, каде што за првпат во историјата ќе се натпреварува во Б-лигата.

Селекторот Гоце Седлоски кажа дека има почит кон сите ривали и натпреварите ќе бидат одлична подготовка за квалификациите за Европското првенство (ЕП) кои ќе почнат во 2027 година.

„Репрезентациите од првиот и вториот шешир објективно влегуваат како фаворити, со оглед на нивниот рејтинг, искуство и континуитет на големи натпреварувања. Но, тоа не значи дека однапред се знае исходот. Нашата цел е да бидеме конкурентни на секој натпревар, да го наметнеме нашиот стил и да покажеме дека Македонија со право е дел од Лига Б.

Ќе ги почитуваме сите противници, но најмногу ќе веруваме во себе. Ако бидеме организирани и фокусирани од првата до последната минута, можеме да бидеме незгоден противник за секого. Овој циклус го гледаме како нов чекор за напредок на репрезентацијата и шанса дополнително да го потврдиме нашиот квалитет.

Верувам дека репрезентацијата ќе расте низ циклусот натпревари во Лига Б и дека имаме стабилна основа за позитивни резултати“, кажа Седлоски.

Ждрепката за Лигата на нации е закажана за утре во Брисел од 18 часот, а Македонија е во четвртиот шешир заедно со Шведска, Северна Ирска и Косово.