„Веруваме во себе, можеме да бидеме незгоден ривал за секого во Лигата на нации“
Селекторот Гоце Седлоски кажа дека има почит кон сите ривали и натпреварите ќе бидат одлична подготовка за квалификациите за Европското првенство (ЕП) кои ќе почнат во 2027 година.
„Репрезентациите од првиот и вториот шешир објективно влегуваат како фаворити, со оглед на нивниот рејтинг, искуство и континуитет на големи натпреварувања. Но, тоа не значи дека однапред се знае исходот. Нашата цел е да бидеме конкурентни на секој натпревар, да го наметнеме нашиот стил и да покажеме дека Македонија со право е дел од Лига Б.
Ќе ги почитуваме сите противници, но најмногу ќе веруваме во себе. Ако бидеме организирани и фокусирани од првата до последната минута, можеме да бидеме незгоден противник за секого. Овој циклус го гледаме како нов чекор за напредок на репрезентацијата и шанса дополнително да го потврдиме нашиот квалитет.
Верувам дека репрезентацијата ќе расте низ циклусот натпревари во Лига Б и дека имаме стабилна основа за позитивни резултати“, кажа Седлоски.
Ждрепката за Лигата на нации е закажана за утре во Брисел од 18 часот, а Македонија е во четвртиот шешир заедно со Шведска, Северна Ирска и Косово.