Куманово сака да стане Ниш - завршницата од Купот секоја година да се игра таму!

Градоначалникот на општина Куманово, Максим Димитриевски, на денешната прес-конференција пред завршниот турнир од Купот на Македонија освен што го поздрави учесниците најави нешто што би можело да стана традиција.

Тој спомна дека е горд што неговиот град е домаќин на најдобрите од македонската кошарка и напомена дека би сакал тоа да стане традиционално, односно и во иднина најдобрите во ова натпреварување да се пресметуваат во кумановската спортска сала.

„Зошто и следната година завршниот турнир од Купот што го носи името на нашиот голем пријател, Благоја Георгиевски-Буштур кој за жал повеќе не е со нас, да не се игра во Куманово, односно тоа да стане своевидна традиција. Верувам дека за следната година ќе го решиме и прашањето околу греењето и ладењето, што ни е крајна цел. Без разлика на сето ова, посакувам викендов да следиме квалитетна кошарка и да уживаме во мајсториите на актерите на теренот“, изјави Димитриевски.

Вакво нешто веќе со години наназад постои во ссоедна Србија, каде што за трофејот традиционално се игра во Ниш. Завршниот турнир од Купот почнува со четврт-финалињата в петок, потоа полуфиналните средби ќе се играат в сабота, а големото финале е в недела.