Сите велат дека МЗТ е најголем фаворит, ама потајно – сите го сонуваат куп-пехарот!

Спортската сала во Куманово од петок до недела ќе биде центар на македонската кошарка, со оглед што првпат во историјата таму ќе се одржи завршниот турнир од Купот на Македонија, на кој ќе настапат осумте најдобри екипи според пласманот по првите 11 кола од Суперлигата.

Претставниците на тимовите на денешната прес-конференција речиси едногласно ја потврдија фаворитската улога на МЗТ Скопје, најдобриот македонски тим во последната деценија и пол, но истовремено потенцираа дека ако им се укаже шанса ќе дадат се од себе да направат изненадување. Ова најмногу се однесува на ТФТ, Пелистер и Куманово, чии тренери најавија голема борба за секоја топка и обид да се дојде до самиот крај на турнирот.

„МЗТ Скопје ја има најдобрата екипа во моментов. Ние ја знаеме тежината на градското дерби и очекувам добра атмосфера со две навивачки групи. Ние ќе го дадеме максимумот. Ова е еден меч во кој се е можно“, изјави тренерот на Работнички, Владимир Мирковски, кој во четврт-финалето ќе ги одмери силите токму со МЗТ.

Домаќинот Куманово можеби на суперлигашката табела не котира толку високо, најмногу поради лошите партии од почетокот на годината, но поддршката што ќе ја имаат од трибините секако им дава прави да се надеваат на сензација.

„Куманово е град на кошарката и горд сум што сум дел од овој проект и што завршницата од Купот ќе се игра токму тука. Во лоша ситуација сме, имавме доста повреди и не трениравме најдобро. Но, домаќини сме и верувам дека со помош на популарните Кумани ќе го оставиме срцето на терен за да победиме во првиот натпревар, а потоа ќе одиме меч по меч“, изјави кумановскиот тренер, Марин Докузовски.

Претставниците на МЗТ Скопје ја прифатија фаворитската улога и најавија дека ќе сторат се да ја оправдаат на средбите што ги чекаат.

„На нас е да одиграме како што знаеме. Добро тренираме, во добра форма сме и ако го реализираме договореното тогаш ќе може да дојдеме до целта, а тоа е пехарот“, изјави капитенот на аеродромци, Дамјан Стојановски.

Билетите за средбите во салата во Куманово веќе се пуштени во продажба по цена од 150 денари. Пред почетокот на денешната прес-конференција претставниците на МЗТ Скопје го добија пехарот во трајна сопственост за победата на лансото издание од куп-завршницата.