Вардар оди на победа против Арсими, Силекс го пречекува Башкими

Најтрофејниот македонски фудбалски клуб Вардар го почнува пролетниот дел од сезоната против Арсими, а целта на „црвено-црните“ е освојување на трите бодови. Додека во вториот меч денеска Силекс ќе го пречека Башкими во Кратово.

Вардар сака да ја продолжи победничката серија и да го искористи киксот на Струга против Шкендија (0-2), па така „црвено-црните“ со нов триумф би можеле да избегаат на „плус четири“ во однос на најблискиот ривал на табелата.

Нема да биде лесно за скопскиот гигант, иако првиот меѓусебен дуел го доби со 4-1, но дефанзивецот Мислав Матиќ најави дека тимот е подготвен за квалитетен меч.

„Еве конечно започнува пролетниот дел од сезоната. Играме против Арсими, а преку анализата видовме дека се многу непријатен противник кој може да изненади со контранапади. Но, ние сме фокусирани на нашата игра, напорно работевме и се подготвувавме за овој дел од сезоната, со цел да започнеме што е можно подобро, а тоа, секако, е победа. Се разбира, го почитуваме Арсими и нема место за потценување. Ќе дадеме сè од себе за да ја отвориме полусезоната во позитивно светло, да оствариме победа и да продолжиме каде што застанавме – чекор по чекор кон целта“, кажа Матиќ.

Еден од капитените на Арсими, Вулнет Ислами кажа дека неговиот тим има висока амбиција и не доаѓа во Скопје за да се брани, туку да оствари триумф.

„Нè очекува многу тежок натпревар против противник со големо име и традиција како Вардар. Свесни сме за нивниот квалитет, но истовремено силно веруваме и во нашата екипна сила. Во текот на неделата работевме напорно, со максимална концентрација, и ќе излеземе на теренот да го дадеме својот максимум”, изјави Ислами.

Натпреварот меѓу Вардар и Арсими се игра од 13 часот во комплексот на ФФМ.

Силекс во моментов е на четвртата позиција во домашното првенство, а вториот дел од сезоната го почнува против незгодниот Башкими, па избраниците на Александар Васоски ќе се обидат да ги освојат сите бодови на теренот во Кратово.

„Прво да кажам дека одработивме квалитетни подготовки во Кратово и во Анталија. Одигравме и неколку пријателски натпревари со цел да ја темпираме формата за пролетниот дел од сезоната. Што се однесува до играчкиот кадар, немаше многу промени, па затоа ќе немаме проблеми околу воиграноста. Што се однесува до натпреварот со Башкими, секогаш тие први натпревари после пауза може да бидат незгодни. Затоа ќе барам максимална внимателност и концентрација од моите играчи. Сметам дека сме подготвени за овој предизвик, и се надевам дека ќе се радуваме на победа на стартот од пролетниот дел“, изјави Васоски.

Башкими во досегашниот дел од сезоната се покажа како незгоден ривал, а стратегот Баже Јанакиевски кажа дека одат во Кратово за да се надигруваат.

„Одиме во Кратово да се надигруваме и ќе го дадеме максимумот за да извлечеме поволен исход. Посакувам Башкими да одигра добра полусезона и да обезбеди директен опстанок“, вели Јанакиевски.

Дуелот меѓу Силекс и Башкими е закажан за 14 часот на стадионот во Кратово.