Ставре Јада прв од Македонците ќе го проба снегот на ЗОИ во Милано и Кортина!

Македонскиот олимписки настап на Зимските олимписки игри 2026 ќе го почне нордискиот скијач Ставре Јада, кој прв ќе ги брани боите на Македонија на најголемата светска спортска сцена.

Тој ќе настапи во дисциплината спринт во крос-контри, а трката е закажана за утре од 9.55 часот, со што тој ќе стане првиот македонски спортист што ќе излезе на патеките на ЗОИ 2026. Дополнително, Јада ќе има уште еден настап на 13 февруари, кога ќе се трка на 10 километри. По неговиот настап, македонските бои ќе ги брани и Ана Цветановска, која на 12 февруари во 13 часот ќе настапи во трката на 10 километри во женска конкуренција во нордиско скијање.

Во алпските дисциплини, Виктор Петков ќе се појави во велеслаломот на 14 февруари (прва трка од 10 часот), а Јана Атанасовска ќе настапи во истата дисциплина на 15 февруари. Последниот македонски настап на ЗОИ 2026 ќе ѝ припадне на Атанасовска, која на 18 февруари ќе се појави и во слаломската трка, со што ќе се заокружи учеството на македонската олимписка делегација.