Најголема желба на Флорентино Перез е - играч на Барселона

Еден куп фудбалери секоја година се поврзуваат со Реал Мадрид и само минимален процент од нив се реализираат во трансфери.

Јасно е дека во најголем дел станува збор за шпекулации и за обид да им се крене цената на фудбалерите, но во еден случај, тоа не е така. Претседателот на Реал Мадрид, Флорентино Перез има огромна желба пред заминувањето од клубот да донесе еден играч на Барселона. Станува збор за Педри, можеби најдобриот плејмејкер во Шпанија и секако еден од најдобрите во светскиот фудбал. Со тоа, Перез би го повторил озлогласениот трансфер на Луис Фиго во мадридскиот клуб во 2000 година.

Шпанскиот новинар и стример Чиро Лопез, кој соработува со „COPE“ и каталонското издание „Sport“, беше првиот што го објави ова на својот YouTube канал во четврток.

„Во оваа борба за моќ што се случува - повеќе Лапорта со Флорентино отколку обратно - оваа можност не треба да се исклучува. Тие мора да го убедат играчот, но како што велат, парите одлучуваат сè. Во случајот со Педри, постои многу важен фактор: тој е среќен во Барса и е вистински навивач на тимот“, коментираше Лопез.

За Перез во моментов е малку потешко да го повтори случајот со Луис Фиго од пред 26 години. Пред се, затоа што договорот меѓу Педри и Барселона е до јуни 2030 година, откупната клаузула е во износ од 1 милијарда евра, па ќе мора фудбалерот и неговите претставници да побараат трансфер во Реал, а такво нешто, тешко ќе се случи. Наводно, желбата на Перез е да тргне по Педри во летото 2027 година.