Охриѓанецот Осман и другарите ја расплакаа Србија среде Белград

Кошаркарите на Србија беа поразени во Белград од Турција со 78-82 во третото коло од квалификациите за Светското првенство (СП).

Гостите во Белград играа одлично и на стартот создадоа пристојна предност, која стигна до +15. Домаќините, сепак, почнаа да се будат во самата завршница од натпреварот.

Србија направи пресврт (73-72) во последната четвртина, но го загуби ритамот и Турција на крајот успеа да запише голема победа. Тарик Биберовиќ блесна со 22 поени за Турција, додека Чеди осман запиша 16 поени, а на спротивната страна Марковиќ постигна 19 поени.

Турција со оваа победа го презема првото место во групата Ц и има шест бодови, додека Србија е втора со еден поен помалку. Овие две селекции ќе одиграат уште еден натпревар на 2 март.

Црна Гора успеа да ја изненади Грција со 65-67, по голема драма и борба во Атина. Николиќ беше најефикасен со 19 поени, шест скокови и една асистенција, додека Костас Антетокумпо постигна 13 поени, четири скокови и една асистенција.

Фото: Türkiye Basketbol Federasyonu