Берокал: Заедно сме само четири дена, но задоволен сум од пристапот!

Новиот селектор на македонската кошаркарска репрезентација, Хосеп Марија Берокал кажа дека е задоволен од победата против Луксембург, иако имале само четири заеднички денови за подготовка.

Берокал посочи дека кошаркарите имале добри моменти на паркетот, но и падови на кои ќе мора да поработат за да не се повторат во иднина.

„Победата е важна за почетокот на овој проект. Не смееме да заборавиме дека сме заедно само четири дена што не е лесно и за мене како тренер и за тимот. Имаше добри работи, како трчањето и одбраната, но имавме и падови во играта што не смеат да ни се повторат. Им честитам на играчите поради тоа што немавме доволно време да се вклопиме. Сакам да играме добра одбрана, не е лесно да се игра 40 минути на тоа ниво, но тоа е нашата цел. Задоволен сум од пристапот на играчите бидејќи главно го исполнија она што го побарав од нив. Треба само да го зголемиме бројот на добри минути во играта, да ја движиме подобро топката и да играме како тим, а не индивидуално“, рече новиот селектор.

Македонија следниот меч го игра на 2 март против Азербејџан од 17 часот на гостински терен.