Пол Џорџ суспендиран на 25 натпревари, ќе остане без богатство

Кошаркарот на Филаделфија, Пол Џорџ, е суспендиран на 25 натпревари поради кршење на правилата од Антидопинг програмата на НБА лигата, соопшти денес лигата.

Поради суспензијата, деветкратниот учесник на ол-стар натпревари ќе остане без околу 11,7 милиони долари од вкупната годишна плата од 51,7 милиони долари, што изнесува приближно 469.691,72 долари за секој од 25-те пропуштени натпревари.

Се очекува Џорџ повторно да биде на располагање на тимот на 25 март, кога Филаделфија ќе го пречека Чикаго. Во тој период Филаделфија ќе има уште 10 натпревари до крајот на регуларната сезона.

Филаделфија има скор 26-21 и го зазема шестото место во Источната конференција. Тимот има скор 16-11 во натпревари кога Џорџ игра и 10-10 кога го нема на паркетот.

Џорџ оваа сезона бележи просек од 16 поени во 27 одиграни натпревари, што го става на третото место на клупската листа на стрелци, зад Тајрис Мекси (29,4) и Џоел Ембид (25,7).