Трогателно: ПАОК прв даде гол во Лион, стрелецот одби да слави и само гледаше во небото!

Фудбалерите на солунски ПАОК поведоа во 20. минута на гостувањето кај Лион во мечот од 8. коло од Лигата на Европа, но голот беше прославен во целосна тишина – само со високо кренати раце во знак на почит на седумтемина навивачи кои трагично го загубија животот на пат кон Франција.

Фудбалот оваа вечер е во втор план на стадионот во Лион. Иако ПАОК стигна до рано водство, славје немаше. Стрелецот на голот веднаш по погодувањето мирно ги подигна рацете кон небото, а соиграчите му се придружија во немо оддавање почит на загинатите приврзаници на „црно-белите“ од Солун. Набргу потоа, фудбалерите на Лион успеаја да израмнат. Пред почетокот на дуелот, навивачите се собраа за да им оддадат почит на настраданите пријатели, а атмосферата на стадионот јасно покажуваше дека резултатот е од второстепено значење.

Натпреварот се игра во сенката на страшната сообраќајна несреќа што се случи во вторникот во Романија, кога во судир меѓу изнајмен минибус и товарен камион животот го загубија седум навивачи на ПАОК, додека тројца се хоспитализирани. Наполувреме од мечот во Лион резултатот е 1-1.