Искусниот Костоски по две децении се врати дома – во скопскиот „храм на кошарката“!

По речиси две децении настапи во разни клубови на домашна и на меѓународна сцена, поранешниот македонски репрезентативец, Александар Костоски (38 години), повторно ќе го носи дресот на својот матичен клуб – Работнички.

Искусниот кошаркар денеска стави потпис на 18-месечен договор и ќе биде едно од големите засилувања за пролетниот дел од сезоната, во период кога тренерот Владимир Мирковски се соочува со сериозни кадровски проблеми. Работнички остана без Американците во ростерот, како и без репрезентативецот Стојан Ѓуроски, па враќањето на искусниот плејмејкер носи неопходно искуство и стабилност.

Костоски беше без ангажман од крајот на минатата сезона, кога настапуваше за Пелистер. Иако во изминатиот период се поврзуваше со неколку прволигаши, меѓу кои и МКК Куманово, на крајот одлучи кариерата да ја продолжи во родниот град. Токму во Работнички ја започна професионалната кариера во 2006 година, по минувањето на младинската школа на клубот од Градски парк. Потоа следуваше интернационална авантура во Гравелин, а во продолжение настапи за бројни клубови како Вардар, Брашов, Вардар Осигурување, Торус, Куманово, МЗТ Скопје, Питеши, Гостивар, ТФТ и Пелистер.

Костоски има освоено шампионска титула со МЗТ Скопје во 2014 година, како и два трофеи во Купот на Македонија – со МЗТ Скопје и со ТФТ. Во 2013 година беше прогласен и за МВП на завршниот турнир од Купот.