Навивачи на ПАОК го „запалија“ Солун во чест на седуммината кои загинаа во Романија (ВИДЕО)

Со масовни скандирања, запалени факели и знамиња на половина копје, навивачите на ПАОК вечерва го преплавија просторот околу стадионот „Тумба“ и му оддадоа почит на седумтемина свои соборци кои загинаа во тешка сообраќајна несреќа во Романија.

Трагедијата се случи во вторникот, во близина на Темишвар, кога минибус со навивачи на црно-белите, кои патувале кон Лион за натпреварот од Лигата на Европа, удрил во камион. Во несреќата животот го загубија седум лица, а тројца се здобија со тешки повреди. По објавувањето на шокантните снимки кои ја обиколија Европа, преостанатите навивачи одлучија да се вратат во Солун и да го откажат патувањето на натпреварот во Франција.

Неколку часа пред почетокот на дуелот, илјадници симпатизери на грчкиот клуб се собраа кај „Тумба“ за заедничко збогување.

„Браќа, вие живеете – вие нè водите“, одекнуваше во еден глас меѓу навивачите, додека ноќта беше осветлена од факели.

Сцените од Солун предизвикаа силни емоции и брзо се проширија низ регионот и Европа. Од грчкиот јавен сервис ЕРТ информираа дека пред вечерашниот натпревар во Лион ќе биде одржана минута молчење во чест на жртвите.