Ален Рустемовски и Катерина Попева најдобри спортисти за 2025 година!
На свеченоста присуствуваа бројни спортисти, спортски легенди и претставници на федерациите, а меѓу гостите беа и премиерот Христијан Мицкоски, ресорни министри и претставници на локалната самоуправа. Рустемовски до признанието „Спортист на годината“ стигна по освојувањето на сребрен медал и вицешампионската титула на ЕП У23 во Ереван. Во изборот, тој беше подобар од номинираните Енис Барди, Стефан Михајловски, Андреас Трајковски и Владимир Егоров.
Во женска конкуренција, титулата најдобра спортистка ѝ припадна на Попева, која лани стана шампионка на Светското првенство во фитнес и бодибилдинг во Санта Сусана (Шпанија). За признанието беа номинирани и Ангела Мојсовска, Александра Марковска, Катерина Ацевска и Сашка Колеска.

Министерот за спорт Борко Ристовски им честиташе на добитниците и номинираните, истакнувајќи дека упорноста, дисциплината и љубовта кон спортот се клучот за успех, како и дека институциите ќе продолжат со поддршка на врвниот спорт и спортската инфраструктура. Годинешното издание на „Спортист на годината“ беше 71-во по ред, со што манифестацијата уште еднаш ја потврди својата традиција и значење за македонскиот спорт.


ДОБИТНИЦИ НА ПРИЗНАНИЈА „СПОРТИСТ НА ГОДИНАТА 2025“:
Спортист на годината: Ален Рустемовски (бокс)
Спортистка на годината: Катерина Попева (бодибилдинг и фитнес)
Најуспешен млад спортист: Адријан Рустемовски (бокс)
Најуспешна млада спортистка: Даниела Алексовска (бразилска џиу-џица)
Најуспешен женски национален тим: Ракометна репрезентација на Македонија (сениорки)
Најуспешен машки национален тим: Одбојкарска репрезентација на Македонија (сениори)
Најуспешен тренер/селектор: Могамед Ибрагимов (борење)
Најуспешна спортска федерација: Џудо федерација на Македонија
Најуспешен спортист со инвалидитет: Андреј Стојановски (пливање)
Најуспешна универзитетска екипа: Машки тим во мал фудбал – УКИМ
Најуспешен средношколски клуб: СУГС „Никола Карев“ – Скопје
Најуспешен основношколски клуб: ООУ „Никола Карев“ – Кочани
Плакета за постигнати резултати како талентиран млад спортист доби пливачот Петар Цеков.