ЕХФ им врати на Хрватите: Џабе се буните, кај вас беше исто!

Европската ракометна федерација (ЕХФ) издаде соопштение откако селекторот на хрватската репрезентација, Дагур Сигурдсон, отворено ја критикуваше организацијата на Европското првенство во Норвешка, Данска и Шведска, на прес-конференција пред полуфиналето со Германија.

Исландскиот стручњак беше незадоволен од односот кон хрватската репрезентација која немаше многу време за одмор последните денови во кои ги игра(ше) клучните натпревари на шампионатот. Од ЕХФ не се вознемирија многу по критиките и само ладно посочија дека ист бил третманот и на претходните првенства.

„Европската ракометна федерација ги признава критиките за распоредот на натпреварите, но распоредот за ЕХФ ЕУРО е договорен меѓу организаторите и ЕХФ многу пред почетокот на првенството. Сите релевантни засегнати страни, Одборот што ги претставува националните асоцијации, се вклучени во овој процес на донесување одлуки. Распоредот им е познат на сите национални тимови најдоцна за време на ждрепката за првенството, повеќе од шест месеци пред турнирот.

Точно е дека националните тимови што доаѓаат од Малме се соочуваат со потешка ситуација. Сепак, треба да се напомене дека на претходните првенства, националните тимови имаа сличен распоред, на пример на Европското првенство во 2018 година, чиј домаќин беше Хрватска.

Во врска со хотелот за националните тимови во Силкеборг, ЕХФ и организацискиот комитет досега добија само позитивни информации. Силкеборг беше избран како база за хрватската делегација со цел да понуди идентични услови за двата полуфиналисти што играат еден против друг, Германија и Хрватска. Хрватската делегација беше дополнително информирана за ова во средата навечер. Малку подолгите патувања на меѓународните првенства не се невообичаени. На Светското првенство за мажи на ИХФ 2025 година, Хрватска беше сместена во Карловац, а потоа патуваше во Загреб за своите натпревари.

Распоредот за медиумите за сите национални тимови, како што е утврден од Европската ракометна федерација, им е соопштен однапред на сите национални тимови. По првенството, Европската ракометна федерација, заедно со организаторите, внимателно ќе ја оцени организацијата на првенството и ќе извлече соодветни заклучоци“, се вели во соопштението на ЕХФ.

Хрватската репрезентација утре ја очекува полуфиналниот дуел против Германија, а во завршницата од шампионатот ќе се обиде да дојде до единствената титула што ѝ недостасува во колекцијата.