Општина Гостивар му даде 100.000 евра на Арсими, за останатите – трошки!

Фудбалскиот прволигаш Арсими од Чегране доби шест милиони денари од Општина Гостивар, додека останатите спортски колективи ќе мора да се задоволат со значително помали износи, одлучи Советот на општината на денешната седница.

Образложувајќи ја одлуката, советникот од Националната алијанса за интеграција, Гзим Амзаи, истакна дека Арсими има долгогодишна традиција и значајна улога во заедницата.

„Клубот има 50 години историја, создаден е од граѓаните, дијаспората и навивачите. Иако доаѓа од Чегране, го претставува Гостивар и целата општина. Дополнително, функционира и како спортска академија во која околу 400 деца се едуцираат преку спортот“, изјави Амзаи од говорницата.

За разлика од тимот од Чегране, ФК Гостивар и женскиот ракометен клуб Јехона ќе добијат по 600 илјади денари, сума која е десеткратно помала од средствата доделени на фудбалскиот прволигаш. Машкиот ракометен клуб Јехона, пак, е поддржан со еден милион денари.