Звезда не ја победи Селта и ќе игра плејоф – може да им падне ПАОК за пеколен двомеч!

Црвена Звезда ја заврши групната фаза во Лигата на Европа со реми против Селта Виго (1-1) на домашен терен, резултат што не беше доволен за директен пласман меѓу најдобрите осум и ги испраќа „црвено-белите“ во плеј-офот на второто по ранг европско натпреварување.

Иако постоеја теоретски шанси белградскиот клуб да се најде во ТОП-8, комбинацијата од резултати не им одеше во прилог. Натпреварот можеше да добие и поинаков епилог, откако ВАР-технологијата во првото полувреме му поништи два погодока на Марко Арнаутовиќ. Селта дојде до водство во 87. минута преку Фер Лопез, по период во кој гостите од Виго се ориентираа на дефанзива. Сепак, радоста траеше кратко – само две минути подоцна Бруно Дуарте погоди за 1-1 и го постави конечниот резултат.

Златен бод во ова коло освои Рома, која ремизира на гостувањето кај Панатинаикос (1-1) и со тоа ја обезбеди осмата позиција, последна што носи директен пласман во осминафиналето. Италијанскиот клуб таму ќе им се приклучи на Лион, Астон Вила, Митјиланд, Бетис, Порто, Брага и Фрајбург.

Во плеј-оф фазата Генк и Болоња може да играат против Динамо Загреб или Бран, Штутгарт и Ференцварош за можни ривали ги имаат Селтик и Лудогорец, Нотингем Форест и Плзен ќе се сретнат против Фенербахче или Панатинаикос, додека Црвена Звезда и Селта Виго како потенцијални противници ги имаат ПАОК и Лил.

Натпреварувањето го завршија Јанг Бојс, Штурм, ФЦСБ, Го Ахед Иглс, Феенорд, Базел, Салцбург, Ница, Утрехт, Малме, Макаби Тел Авив и Глазгов Ренџерс, кој вечерва загуби на гостувањето кај Порто (1-3), во кое во второто полувреме шанса доби и нашиот Бојан Миовски.