ЕХФ ја призна грешката: Германците со нерегуларен гол ја дотолчиле Португалија (ВИДЕО)

Селекцијата на Германија синоќа ја совлада Португалија (32-30) во првото коло од главната рунда на Европско првенство во ракомет, но резултатот остана во втор план поради контроверзниот гол постигнат во самиот финиш на натпреварот, кој предизвика жестоки реакции и официјално признание за судиска грешка.

Решавачкиот момент се случи во последните пет секунди, кога Германија реализираше погодок по изведување од центар. Португалската клупа бурно реагираше, тврдејќи дека дел од германските ракометари ја минале централната линија пред судискиот свиреж, со што голот требало да биде поништен. Од Европска ракометна федерација (ЕХФ) подоцна потврдија дека навистина е направена судиска грешка и во официјалното објаснување детално ја појаснија спорната ситуација.

„На 59:55 германскиот играч со број 54 го изведе почетното фрлање по голот на Португалија. Проблемот настана бидејќи играчите со број 5 и 23 ја минаа централната линија пред судискиот свиреж. Број 23 потоа ја прими топката и постигна гол. Правилната одлука ќе беше повторување на почетното фрлање, но проценивме дека тоа немаше да влијае врз поседот на топката“, соопштија од ЕХФ, додавајќи дека ситуацијата не може да биде предмет на ВАР, бидејќи не спаѓа во категоријата „Game Changing Situations“.

Селекторот на Португалија, Пауло Жорж Переира, беше дециден по мечот, оценувајќи дека погодокот не бил регуларен.

„Последниот гол на Германија беше нерегуларен. Се надевам дека оваа ситуација нема да ни се одрази на конечниот биланс во групата“, изјави Переира.

Во португалскиот табор постои стравување дека токму гол-разликата би можела да игра клучна улога во конечниот пласман, доколку дојде до изедначена завршница во главната рунда.