Ѓоковиќ: Немам време да размислувам за пензија

Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ го победи Педро Мартинез и се пласираше во второто коло на Австралија Опен.

Ѓоковиќ одигра фантастичен натпревар и не му дозволи на 71. тенисер на светот никаква шанса да го загрози, а неговиот следен ривал ќе биде Италијанецот Франческо Маестрели. Ова беше 100. победа на Србинот на Австралија Опен, турнир кој го освои рекордни 10 пати. Организаторот го потсети на голем број досегашни победи, но неизбежно беше прашањето околу пензионирањето.

„Многу размислувам за годините што доаѓаат, бидејќи крајот доаѓа и мора да се размислува за тоа. Од друга страна, немам толку време да размислувам за пензионирање сè додека играм на високо ниво. Немате време за други мисли, само се подготвувате за натпреварите и не си дозволувате да размислувате за крајот“, беше јасен Ѓоковиќ, откако лани, по поразот од Синер во полуфиналето, фановите и медиумите веќе го испратија во пензија.

Годинава тој ќе се обиде да ја освои 11. титула во Мелбурн и 25. Гренд слем во кариерата, но повторно за тоа ќе треба да ги победи Синер и Алкараз.