Голем јубилеј на Новак - победа број 100 на Австралија Опен

Со десет трофеи, Новак Ѓоковиќ е најуспешен во историјата на Австралија Опен, а од денеска има и 100 победи на терените на Мелбурн парк.

Јубилејната ја оствари во воведното коло од новото издание на првиот Гренд слем во сезоната, против шпанскиот тенисер Педро Мартинез. Австралија Опен е трет Гренд слем на кој српскиот ас ја минал границата од 100 победи со што е единствен во тенискиот свет, како и во многу други работи.

Ѓоковиќ денеска славеше за точно два часа со 3-0 (6-3, 6-2, 6-2) демонстрирајќи дека се наоѓа во фантастична форма во овој момент иако не одиграл ниеден официјален меч од ноември кога триумфираше на АТП турнирот во Атина. Шпанецот во ниеден момент не беше закана за победата на Ѓоковиќ, па десеткратниот освојувач на титулата во Мелбурн можеше мирно да го приведе мечот кон крајот.

Во второто коло, Ѓоковиќ ќе се сретне со квалификантот Маестрели од Италија кој направи мало изненадување и го совлада Атман од Франција.