Пешевски: На добар пат сме за нешто поголемо!
Позитивни се импресиите од мечот на Македонија против Португалија, но пред нас сега е селекцијата на Романија која треба да ја победиме.
„Со Романија откако сум во репрезентацијата сме играле четири или шест пати, пријателски или бараж натпревари. Се работи за колектив кој во минатото имаше одлични резултати, па имаше мала стагнација, ама сега тропа на големата врата на европскиот и светскиот ракомет. Имаат колектив играчи кои играат и во Лигата на шампионите, во Европската лига. Против Данска и Португалија покажаа дека можат да трчаат, ама како секоја репрезентација кога игра против посилен ривал правеа многу технички грешки. Мислам дека тука ќе се решава, кој помалку ќе греши и кој ќе биде поразумен во нападот ќе го добие натпреварот. Романија има гранитна и корпулентна одбрана. Во минатиот период не ја занемаривме и се подготвивме за тоа, знаеме за каков тип на играчи се работи. Мислам дека ќе бидеме подготвени за утрешниот предизвик“, вели Жарко Пешевски.
Тој ги истакнува новите сегменти во македонската репрезентација и верува дека имаме светла иднина.
„Во изминатите средби покажавме дека Македонија е нова репрезентација која негува нов стил на ракомет. Трчаме квалитетно, без технички грешки, знаеме кого напаѓаме и мислам дека тоа ќе ни биде додаток плус во играта со кој ќе им правиме проблем на ривалите, особено на Романците. Мислам дека може да биде важен сегмент кој ќе биде одлучувачки. Нема огромна разлика кај Романија од подготовките до сега, освен што играа со поквалитетни противници. Ќе решаваат детали, кој ќе биде посмирен мислам дека ќе го добие натпреварот. Покажавме дека играме разумно, без разлика на „црната дупка“ кога ривалите нè казнуваат. Се враќаме, добро изгледаме со млади и добри лица, но и искусни играчи со добра стратегија. Мислам дека сме на добар пат за нешто поголемо“, изјави кружниот напаѓач.