Лазаров: Не ја потценуваме Романија, но таа не е Данска или Португалија!
Ракометарите денеска нема да одржат тренинг, селекторот сака добро да се одморат, да се релаксираат и со максимална свежина да ја нападнат Романија и да дојдеме до посакуваната победа.
„Треба да се подготвиме добро и да имаме правилен пристап, бидејќи Македонија ретко по квалитетна партија знаела да повтори особено во 48 часа. Не сум загрижен бидејќи мислам дека овие момци прераснуваат во сериозни ракометни ликови, па мислам дека се свесни се и ќе одговорат на предизвикот. Нема да тренираме за да се освежиме, па утре да одиграме уште една добра партија. Во изминатите години со нашата работа успеавме да дојдеме до поголем ростер во кој со својот квалитет ќе одговори на системот. Покрај повредените играчи кои имаат место во оваа група, сакам да кажам дека на пример и Марко Митев по повредата не е на нивото, а ни е многу важен. Слично е и со Никола Костески кој се враќа од повреда. Имаме простор за напредок, но имавме и работи во кои се надминавме“, рече селекторот Лазаров на денешниот брифинг.
Селекторот има почит за Романците иако вели дека тоа не е селекција на рангот на претходните наши противници.
„Не сакам да ја потценам Романија. Таа сигурно е послаба од Данска и Португалија, ама има амбициозна федерација и селектор, со многу ресурси за да оди кон врвот. Не знам колку можат, но ќе видиме. Не смееме да ги потцениме, доста вложуваат во клупскиот ракомет. Многу е тешко да донесеш играч од Романија во Македонија поради високите плати. И тие имаат притисок, ќе брзаат и тие, ќе имаме простор да казниме. Како колектив и системски сигурно сме поквалитетни од нив. Не сакам да направам притисок над нашите играчи, ама нема што да се крие“.
Џонов е неизвесен за утрешниот меч, а Петар Атанасијевиќ и дефинитивно отпаѓа, нов ракометар ќе биде Гоце Ојлески кој доби дополнителен повик.
„Џонов замина на преглед да видиме за што станува збор. Ситуацијата со него е 50-50%. Што се однесува до Петар Атанасијевиќ, тој дефинитивно отпадна и нема да игра. Дополнително го повикавме Гоце Ојлески кој ќе пристигне во 17:00 часот. Павле беше одличен на крило на неприродна позиција вчера и имаме опција плус. Се надеваме дека Никола Маркоски нема да биде суспендиран поради црвениот картон и ќе може да биде тука“.
„Мислам дека ни недостигаше малку време за да направиме систем и да играме три различни зони кои ќе ги менуваме среде меч, буквално на секои пет минути. Сè уште не сме на тоа ниво, ама се надевам дека во иднина ќе го достигнеме. Португалците играат „седум на шест“ и се подготвувавме за нив. Тешко е да се браниш со ист број на играчи, а не пак со човек повеќе“, изјави Лазаров.