Во Реал се шокирани и разочарани од своите фанови!

Реал Мадрид со 2-0 го победи Леванте, триумф кој доаѓа по дебаклот во Купот на Шпанија кога кралскиот клуб беше елиминиран од второлигашот Албасете. Она за што се зборува по вчерашниот меч е односот на фановите.

Фудбалерите на Реал Мадрид добија свирежи од своите фанови, сите освен Килијан Мбапе и Гонзало Гарсија. Дел од навивачите дури бараа и оставка од Флорентино Перез.

Шпанските медиуми сега пишуваат дека фудбалерите и раководството на клубот се многу разочарани од односот на навивачите.

Тие сметале дека ќе има свирежи само на почетокот, а не во текот на сите 90 минути.

Особено беше жестоко на полувремето.

Разочарувањето е големо бидејќи тие чувствуваат дека фановите се со нив само кога работите се одвиваат добро, а кога тие ќе тргнат лошо тогаш навивачите се против нив наместо да им дадат поддршка со што би им помогнале да ја надминат тешката ситуација.

„Ако ни аплаудираш само кога освојуваме, но исчезнуваш во поразот, никогаш не можеш да бидеш еден од нас“, е пораката од соблекувалната.

Винисиус кога ги слушна свирежите, пред да излезе од тунелот седна во немоќ, беше многу тажен, речиси и да заплачеше поради целата ситуација.