Тажна вест од Италија: Почина претседателот на Фиорентина

Роко Бенито Комисо, претседател на Фиорентина од 2019 година и основач на Медиаком, почина утринава на 76-годишна возраст „по долго лекување“, соопшти клубот.

„Со голема болка и тага, семејството Комисо, неговата сопруга Катерина, неговите деца Џузепе и Мариса, и неговите сестри Италија и Рафаелина, ја објавуваат смртта на претседателот Роко Бенито Комисо. Ни недостигаш и секогаш ќе ни недостигаш“, се вели во официјалното соопштение на клубот. По долг период на лекување, нашиот сакан претседател нè напушти и денес сите жалиме за неговата смрт“, се вели, меѓу другото, во соопштението од Фиорентина.

Комисо, роден во Калабрија (јужна Италија), емигрирал во Соединетите Држави на 12-годишна возраст, а ја презеде Фиорентина пред седум години. Тој го надгледувал проектот на клубот за спортски комплекс вреден 100 милиони евра, најсовремен објект во Италија, кој се отвори во 2023 година и сега ќе го носи неговото име.

„Виола Паркот Роко Б. Комисо, домашниот терен на Фиорентина, засекогаш ќе го носи неговото име. Неизбришлив белег на наклонетост и желба за негување на иднината на младите играчи“, нагласи Фиорентина.

За време на неговиот мандат, Фиорентина стигна до две финалиња на Конференциската лига (2023 и 2024), полуфинале на истиот турнир (2025) и полуфинале на Купот на Италија (2023). По неколку незаборавни сезони, сега тимот е во голема криза и се наоѓа во зоната за испаѓање.

Комисо беше основач (1995), претседател и извршен директор на американската телекомуникациска компанија MediaCom, што му обезбеди место на престижната листа на Forbes 400 поради неговата истакната кариера во индустријата за кабелска телевизија, која траеше речиси 50 години. Неговата професионална кариера започна во Pfizer, но работеше и во Chase Manhattan Bank (сега JP Morgan Chase), а подоцна и во Royal Bank of Canada.

Во јануари 2017 година, Комисо се здоби со мнозински удел во New York Cosmos, каде што остана сопственик до јули 2025 година, кога тимот беше купен од North Jersey Pro Soccer. Семејството Комисо, сепак, задржува малцински удел во клубот.