Нова сала, стари навики: Работнички жестоко казнет за плукање од трибините!
Ова најмногу се однесува на „традиционалното“ плукање на службените лица и на гостинските кошаркари, по што „кошаркарскиот храм“ беше познат низ децениите поради близината на публиката до актерите на паркетот. Такво нешто беше видено на неодамнешниот меч на црвено-белите на домашен терен против Куманово (76-72).
„Навивачите на Работнички во два наврати ги плукнале судиите Зафировски и Ристовски, за што биле опоменати преку разглас. Во два наврати од навивачите на Работнички на терен биле фрлени две запалки“, пишува во делегатскиот извештај.

Тимот со најмногу шампионски титули (15) поради ова е казнет со 48.000 денари (по 24.000 за двата прекршока), како и дополнителни 28.800 денари за техничките грешки на тренерот Владимир Мирковски (19.200) и на Дамјан Робев (9.600). На КФМ е сега да продолжи со овој курс со цел да се искрени оваа стара навика со плукање во салата во скопскиот Градски парк, нешто на што реагираа сите судии и кошаркари кои гостувале во овој објект во изминативе 70 години.