Симеоне првпат го покори Камп Ноу и замина без поздрав со Флик

Фудбалерите на Атлетико Мадрид синоќа направија голем чекор кон пласман во полуфиналето на Лигата на шампионите, откако ја победија Барселона со 2-0 на гостински терен во првиот натпревар од четвртфиналето.

Ова беше првата победа на стадионот „Камп Ноу“ за тренерот на Атлетико, Диего Симеоне. Аргентинецот го презеде Атлетико во 2011 година, но до синоќа, Барса никогаш не ја победи на нејзиниот матичен стадион. Има една победа како гостин, остварена пред крајот на 2024 година, но на Олимпискиот стадион каде тогаш Барса ги пречекуваше своите ривали поради реконструкцијата на Камп Ноу.

Неговата реакција по последниот свиреж беше доста необична. Тој влета во тунелот и истрча кон соблекувалната, без да ги поздрави Ханси Флик и играчите на Барса, како да знаеше дека работата е далеку од завршена и дека во вторник го очекува тежок реванш.

„Многу е тешко да се победи на овој стадион. Жал ми е што не им направивме поголема штета кога имавме играч повеќе. Во фудбалот, прецизноста е најважна, а ние бевме прецизни. Ѝ предизвикувавме проблеми на Барселона на секој натпревар бидејќи знаеме дека имаат одбрана со висок ритам. Секогаш создаваме многу шанси против нив. Сигурен сум дека ќе ни создадат многу проблеми во вторник“, заклучи Симеоне.

Атлетико неодамна ја елиминираше Барселона во полуфиналето на Купот на шпанскиот крал. Беше 4-0 во Мадрид, а во реваншот Барса победи со 3-0 што не беше доволно за пресврт.