МЗТ доцна се разбуди - стигна 19 разлика, ама не успеа да ја победи Војводина (ФОТО)
Тимот од Нови Сад славеше во „Јане Сандански“ со 78-73 и сега МЗТ има биланс 3/3 во пресрет на последните два меча од лигашкиот дел на регионалното натпреварување. Натпреварот го одбележаа долгите серии и осцилациите во резултатот, а малку недостасуваше македонскиот тим да дојде до победата и покрај високата негатива.

До средината на втората четвртина се играше израмнето, а потоа Војводина направи серија од 14-0 по која поведе со 34-23. На почетокот од третиот период гостите ги достигнаа највисоките +19 (48-29) и се чинеше дека МЗТ Скопје ќе доживеа катастрофа пред своите навивачи.

Сепак, нашиот тим одговори со уште поголема серија, од 16-0, меѓу третата и последната четвртина со која се доближи на 61-63, а нешто подоцна и поведе со 66-65. За жал, тука застана, Војводина за кратко повторно ја презеде иницијативата и во драматичниот финиш успеа да дојде до важна победа.

Гил беше најефикасен кај МЗТ Скопје со 17 поени, а одличен меч одигра Марин Петков кој постигна 16. До крајот на лигаашкиот дел, тимот од Аеродром ја пречекува Подгорица и гостува кај Широки во дуели кои мора да ги добие.