Каков ден: Во 24 часа испадна од Африканскиот куп и го освои првиот трофеј во кариерата!
Доргеле кој има 23 години во само еден ден беше елиминиран од Африканскиот Куп на Нации и успеа да го освои својот прв трофеј во професионалнната кариера со екипата на Фенербахче.
Со репрезентацијата на Мали настапи во четвртфиналето на Африканскиот куп на нации против Сенегал во петокот. По голема борба и минимален пораз, Мали го заврши настапот на турнирот, а офанзивецот влезе во игра во последните четириесетина минути од средбата.
Сепак, за малискиот напаѓач немаше време за тагување. Веднаш по последниот судиски свиреж во Мароко, тој се упати кон аеродромот и со приватен авион отпатува за Турција за да им се приклучи на соиграчите од Фенербахче. И покрај заморот од патувањето и исцрпувачкиот натпревар со репрезентацијата, Доргеле беше решен да му помогне на клубот.
Во финалето на Турскиот Суперкуп против најголемиот ривал Галатасарај, Доргеле влезе од клупата и ги одигра последните 22 минути во натпреварот во кој Фенербахче на крајот победи со 2-0.
За него ова беше прв трофеј во професионалната кариера, а важен беше и за Фенербахче затоа што гигантот од истанбул така ја прекина црната низа без трофеј во ова натпреварување од 2014 година.
Фото: EPA