Нема лабаво: Ракометарите по цел ден патување веднаш ќе почнат со тренинзи во Данска!

Рано утринава, македонската ракометна репрезентација тргна за Данска каде од петок го почнува својот настап на Европското првенство.

Од Цирих, каде националниот тим престојуваше претходните денови со настапот на турнир во Винтертур, експедицијата заминува за Франкфурт, потоа за Билунд за да стигне на крајната дестинација - Силкеборг. Ако нема дополнителни проблеми, репрезентацијата би требало да допатува околу 16 часот, а во Силкеборг ќе остане до 13 јануари и таму ќе се подготвува за натпреварите на континенталниот шампионат.

Само три часа по пристигнувањето, во 19 часот е планиран првиот тренинг на данско тло што значи дека ракометарите нема да имаат многу време за одмор.

Првиот натпревар на Европското првенство, Македонија го игра в петок во Хернинг против домаќинот Данска, а во нашата група се наоѓаат уште Романија и Португалија.