Барса и Реал во борба за првиот трофеј во сезоната - една традиција ќе заврши
Во финалето од Суперкупот ќе се сретнат најголемите ривали Барселона и Реал Мадрид. Вакви натпревари можат целосно да ја свртат сезоната, како што беше случајот лани кога Барса замина во Саудиска Арабија со голема негатива во Ла Лига, а откако го освои трофејот по убедливиот триумф (5-2) против Реал, потоа ја освои и двојната круна.
Сега ситуацијата е обратна, „каталонците“ имаат четири бода предност пред Реал во првенството и се во одлична форма бидејќи победија на последните девет меча во сите натпреварувања, додека вицешампионот се мачи со својата игра иако исто така е во серија, но од четири победи. Меѓу другото, мрежата на Барса не се тресеше на последните пет меча или вкупно 519 минути, но ќе биде голем предизвик серијата да продолжи бидејќи противникот има многи ѕвезди во својот состав.
Главна дилема е дали вечерва ќе стартува Килијан Мбапе кој уште не е целосно заздравен по повредата на коленото, но на сите во Реал од огромно значење им е триумфот на денешниот меч, па нема да биде изненадување тој да биде жртвуван. Информациите во мадридските медиуми се дека тој нема да биде стартер, туку ќе се влезе во игра во второто полувреме, ако Реал има прифатлив резултат до тој момент.
Една традиција вечерва ќе заврши. Откако се игра по овој формат во Суперкупот на Шпанија, ниедна екипа не успеала да го одбрани трофејот, а во таа улога сега е Барселона. Од друга страна, Ханси Флик уште нема изгубено финале во својата тренерска кариера, па вечерва ќе се знае дали таа негова серија ќе продолжи.