Репрезентација членка на ФИФА седум години не сакаше да игра натпревари - сега тоа се промени!

По седумгодишна пауза, без одигран ниту еден натпревар, фудбалската репрезентација на Еритреја се враќа на меѓународната натпреварувачка сцена

Еритреја беше единствената членка на ФИФА која немаше ранкинг, бидејќи оваа африканска држава со години одбиваше да ги игра своите натпревари, иако имаше право на тоа и не учествуваше на ниту едно официјално натпреварување речиси седум години.

Причината е бизарна. тамошната фудбалска федерација избегнува да игра меѓународни натпревари со цел да спречи фудбалерите да ги искористат гостувањата за бегство од земјата и барање политички азил.

Еритреја го загуби својот ранкинг бидејќи, според правилата на ФИФА, селекција која 48 месеци не одигра официјален натпревар го губи правото да биде дел од светската ранг-листа.

Оваа африканска репрезентација последен пат настапи во 2019 година, на гостувањето кај Уганда, каде што беше поразена со 3-0. Сега, речиси седум години подоцна, Еритреја официјално соопшти дека се враќа, а првото натпреварување на кое ќе учествува ќе бидат квалификациите за Африканскиот куп на нации 2027.