Венус доби „валјд кард“ и ќе го сруши рекордот на Австралија Опен
Таа доби „вајлд кард“ од организаторите и ќе стане највозрасна учесничка во историјата на натпреварувањето. Досегашна рекордерка е Кимико Дате, која играше во Мелбурн на 44 години и три месеци, а Венус има 45 години и седум месеци. Повозрасната од славните сестри ќе ја почне сезоната следната недела во Окленд, потоа ќе патува во Хобарт, а на крајот во Мелбурн. Ова ќе бидат нејзините први турнири надвор од Северна Америка по Вимблдон во 2023 година. Таа не играше речиси 16 месеци, од Мајами во 2024 година до Вашингтон во 2025 година, и се сметаше дека одлучила да се пензионира, но минатото лето одеднаш одлучи да настапи на три турнири.
Учествуваше во Вашингтон, Синсинати и Њујорк, победи на еден натпревар и сега се враќа во Австралија, без да даде никакви индикации за нејзините понатамошни планови. Венус неодамна се омажи за италијанскиот модел и актер Андреа Прети.
„Возбудена сум што повторно играм во Австралија, од која имам толку неверојатни спомени. Благодарна сум за оваа можност да се вратам на место кое ми значеше толку многу во мојата кариера“, рече таа за интернет страницата на турнирот. Таа стигна до две финалиња во Мелбурн, во 2003 и 2017 година, но ги загуби двете.
Венус освои седум Гренд слем титули во својата кариера, пет на Вимблдон и две на Отвореното првенство на САД. Моментално е рангирана на 148. место во светот. Покрај неа, специјални покани од организаторот добија уште Емерсон Џонс, Присила Хон, Талија Гибсон и Тајла Престон од Австралија, Зарина Дијас од Казахстан, Тиантсоа Ражаона од Франција и Елизабет Мандик од САД.