Нејмар го избра клубот во кој ќе се бори за место во составот на Бразил за СП 2026!

Нејмар ќе остане во Сантос најмалку до декември 2026 година, со јасна цел – враќање во репрезентацијата на Бразил и настап на Светското првенство, вест што ја објави италијанскиот новинар, Фабрицио Романо.

Бразилската ѕвезда се врати во татковината на почетокот на минатата година и сезонава настапи на 29 натпревари во сите конкуренции, со учинок од 11 голови и четири асистенции. Особено впечатлив беше финишот на сезоната, откако во ноември се врати по повреда и постигна пет голови на седум меча, меѓу кои и хет-трик. Иако долго време имаше неизвесност околу продолжувањето на договорот, очигледно е дека Нејмар го гледа Сантос како најдобра платформа за враќање во националниот тим, кој во пресрет на Мундијалот во САД, Канада и Мексико ќе го води Карло Анчелоти.

Неговото здравјето, сепак, останува клучен фактор. Од 2023 година наваму, Нејмар има пропуштено речиси 90 натпревари поради серија повреди и нема одиграно меч за Бразил уште од септември истата година. За да ги зголеми шансите за континуитет, тој започнал соработка со бразилскиот физиотерапевт Едуардо Сантос, познат по своите нетрадиционални методи за рехабилитација.