„Живееме во ера на враќање на големиот Вардар – има најдобар тим и ќе биде шампион!“

Ракометниот клуб Охрид направи значителен исчекор оваа сезона и сериозно се наметна како нов фактор во борбата со водечките екипи, но според тренерот Борис Ројевиќ, Вардар останува првиот и најголем фаворит за сите трофеи во Македонија.

Поранешниот српски селектор во суперлативи говореше за големиот ривал, најавувајќи негово враќање на победничките патеки дури и од времето кога беше двоен европски шампион.

„Тешко е да се освојуваат трофеи во Македонија, зашто живееме во ерата на враќањето на Вардар на старите славни патеки. Мислам дека тие ќе бидат шампиони – имаат најквалитетен и најширок ростер“, истакна Ројевиќ во разговор за „Моцарт спорт“.

Предводникот на „рибарите“ посебно го потенцира квалитетот на вардаровиот тим, наведувајќи ги Малус, Горигија, Борозан, како и енергијата што ја носи Тузолана, а нагласи и дека црвено-црните цела полусезона беа без важниот пивот Лазаревски, кој допрва треба да се врати во вториот дел од сезоната.

„Тука е и Урош Митровиќ, кој игра одлично и е иднината на српската репрезентација на десен бек. Навистина комплетна екипа, а гледајќи ги и засилувањата што ги најавуваат за следната сезона, јасно е дека Вардар сака уште повеќе – враќање во Лигата на шампионите“, додаде Ројевиќ.

Во актуелната сезона, Охрид успеа да го победи актуелниот шампион Пелистер и да освои бод на гостувањето кај Алкалоид во Скопје, но Вардар остана единствениот тим кој двапати излезе како победник против „гладијаторите“.

„Имавме одлични партии против силни ривали, но Вардар и двата пати покажа зошто е чекор пред сите. Тоа е тим што знае како се добиваат вакви натпревари“, призна Ројевиќ.

Покрај Вардар, како сериозен конкурент за трофеите го посочува и Пелистер, нагласувајќи ја тежината на гостувањата во Битола и искуството на актуелниот шампион, додека борбата за третата позиција ја гледа меѓу Охрид и Алкалоид. Охрид моментално ја игра најуспешната сезона во својата историја, е во игра за Купот на Македонија и за првпат презими во Европа, обезбедувајќи пласман во осминафиналето на ЕХФ Купот, но според зборовите на тренерот – патот до трофеите неизбежно води преку Вардар.

Целото интервју прочитајте го ТУКА.