Гоце Седлоски официјално именуван за нов селектор на Македонија!

Гоце Седлоски и официјално е нов селектор на македонската фудбалска репрезентација, откако Управниот одбор на Фудбалска федерација на Македонија (ФФМ) на денешната седница ја потврди одлуката за негово именување за наследник на Благоја Милевски.

Тој е избран по предлог на Комисијата за избор на селектор, во која членуваа претседателот на ФФМ, Масар Омерагиќ, директорот на националните селекции, Горан Пандев, раководителот на скаутинг службата, Николче Новески, членот на УО Агим Ибраими и потпретседателот Марјан Стојковски. Како фудбалер, Седлоски има 100 настапи и осум голови за репрезентацијата, што го прави првиот македонски играч со трицифрен број настапи во националниот дрес. Тој веќе има искуство и со сениорската селекција, бидејќи во 2012 година ја водеше Македонија како в.д. селектор на пријателскиот меч против Литванија (1-0) во Скопје.

Во тренерската кариера, Седлоски ги предводеше Хоризонт Турново, Вардар, Рига, Широки Бријег, вториот тим на Динамо Загреб, Шкупи, Влазниа и Работнички. Освои три шампионски титули – две со Вардар и една со Шкупи, како и Куп-трофеј со „црвено-црните“ во сезоната 2024/25.

Од ФФМ очекуваат неговото искуство и авторитет да донесат стабилност и нов импулс во националниот тим во периодот што следува. Официјалната промоција на Седлоски е закажана за утре (11.30 часот), во хотелот „Хилтон“ во Скопје.