Фудбалска војна во Португалија поради пенал за Спортинг во 90+16 минута во Купот!

Синоќешната победа на Спортинг против Санта Клара (3-2) во Купот на Португалија предизвика силни реакции и нов бран тензии во португалскиот фудбал, откако „лавовите“ до израмнување и триумф стигнаа по крајно спорна судиска одлука во самата завршница од натпреварот.

Актуелниот шампион израмни на 2-2 длабоко во судиското надополнување, по досуден пенал кој предизвика жестоки полемики. Контроверзниот прекршок беше санкциониран во 12. минута од надополнувањето, по што следеше ВАР-проверка, а конечната потврда на одлуката стигна неколку минути подоцна. Луис Суарез беше прецизен од белата точка, додека во продолженијата грчкиот напаѓач Фотис Јоанидис му донесе победа и пласман во следната рунда на Спортинг.

Набргу по завршувањето на средбата реагираше градскиот ривал Бенфика, која преку остро соопштение ја осуди судиската арбитража и го доведе во прашање кредибилитетот на португалскиот фудбал.

„Уште една скандалозна епизода. Сè што се случи на натпреварот од Купот на Португалија на Азорите е неодбранливо и неприфатливо. Дванаесет минути беа потребни за да се ‘пронајде’ пенал за иста екипа, одново и одново. На истиот терен лани очигледен пенал против Спортинг не доби ниту ВАР-проверка, а оваа сезона таму беше остварена победа и по ‘фантомски’ корнер. Ова се појави кои редовно се случуваат кога Спортинг не води. Некој мора да преземе одговорност за целосната ерозија на угледот која го уништува португалскиот фудбал“, стои во реакцијата на лисабонските „орли“.

По случувањата на овој меч и јавната реакција на Бенфика, тензиите во португалскиот фудбал дополнително ескалираа, а се оценува дека ваквата атмосфера тешко ќе се смири во пресрет на вториот дел од сезоната, во кој се очекува жестока борба – и на теренот и надвор од него. Текстот е објавен под наслов „Бенфика објави војна“.