Македонија ако се пласира на СП ќе игра во Мексико со две „јужни репрезентации“!

На свечена церемонија, денеска во Вашингтон беше извршена ждрепката за Светското првенство што во 2026 година ќе се одржи во САД, Мексико и Канада.

На ждрепката учествуваше и македонската репрезентација која се уште има пласман за историски пласман бидејќи во март ќе игра бараж за место меѓу најдобрите 48 во светот. Ако биде најдобра во друштвото со Данска, Чешка и Ирска, нашата селекција ќе стане член од групата А на Мундијалот.

Во неа се наоѓа еден од домаќините на шампионатот - Мексико, како и Јужна Африка и Јужна Кореја, а својот прв меч Македонија би го играла со азиската селекција бидејќи Мексико и Јужна Африка со својот дуел го отвораат шампионатот, на 11 јуни. Дали ќе играме со овие три репрезентации, ќе се знае најдоцна до 31 март кога на програмата се финалните дуели од баражот.

Ждрепката донесе неколку интересни групи со возбудливи пресметки во најава. На пример, во иста група се најдобрите голгетери на денешнината Килијан Мбапе и Ерлинг Халанд со своите репрезентации Франција и Норвешка. Европскиот вицешампион Англија како еден од противниците ја доби Хрватска, а релативно лесни групи добија Меси и Роналдо, односно Аргентина и Португалија.

Светското првенство ќе се игра во периодот од 11 јуни до 19 јули, а првпат во историјата ќе учествуваат 48 репрезентации, поделени во 12 групи.