Гвардиола по епскиот меч: Не ме прашувајте ништо, ми падна косата од нервоза!
Неговите избраници речиси ја прокоцкаа предноста од 5-1, дозволувајќи му на противникот да постигне три гола за само 15 минути. Фулам се врати од 0:3 и 1:5, а во судиското продолжение беше само на неколку сантиметри од изедначување, но Јошко Гвардиол со интервенција на гол-линијата го спречи шокантното изедначување на 5-5.
Гвардиола по мечот не ја криеше збунетоста од дефанзивните пропусти:
„Знам што сакате да ме прашате, но немам одговор. Ова е Премиер лига – емоции и хаос. Сите примени голови се резултат на лошо бранење. Мораме подобро да реагираме на центаршутите и да го затвораме просторот. Постигнавме прекрасни голови, имавме добри моменти, но дефанзивно не бевме на потребното ниво“, изјави Шпанецот.
Тој потсети и на огромната шанса на Халанд за 6-3, по која веднаш следеше намалување на 4-5.
„Кога ќе се случи таков пресврт за една минута, единствено мислиш како да преживееш до крај. Не ме прашувајте како се случи, ни играчите не знаат. Имавме и среќа. Погледнете ме – поради вакви натпревари ми падна косата“, додаде Гвардиола низ насмевка.
Манчестер Сити во сабота го пречекува Сандерленд, а следната среда го очекува многу потешко искушение – гостување кај Реал Мадрид во Лигата на шампионите.