Милевски: Не ми недостасува мотив да ја водам Македонија и во иднина!

Селекторот на македонската репрезентација, Благоја Милевски ја презема одговорноста за тешкиот пораз на гостувањето кај Велс, разочарувањето кај него е поголемо од начинот на кој загубивме, отколку од резултатот.

Македонија во Кардиф го доживеа вториот најтежок пораз во историјата. 

„После ваков меч, останува само да му честитам на Велс за перформансот. Не одговоривме на нивната агресивност. Честитки за моите фудбалери што покажаа во овие квалификации... Се надевам на повеќе минути во нивните клубови за да парираат на физички план“, беше првата изјава на Милевски по тешкиот пораз.

„Не ни е сеедно на сите нас, одговорноста е моја, секако била и ќе биде... Сѐ е можно во денешен фудбал. Ме боли повеќе начинот на кој загубивме, отколку резултатот“, дополни селекторот.

Тој признава дека ова издание на Македонија беше далеку од претходните.

„Ние бевме далеку од нашето ниво од претходните средби... Филозофијата е иста, но потфливме во сите сегменти. Со толку инвидуални грешки против ваков противник не може да се парира... А со истите играчи имавме рекорди, 15 без пораз, малку голови...“.

Иднината на Милевски е неизвесна, неговиот актуелен договор завршува, па нејасно е дали ќе продолжи да го води националниот тим.

„Емоцијата и мотивацијата секогаш ни беше патоказ. ... Никогаш нема да ми недостасува мотив или емоција да ја водам Македонија во иднина... Чест и гордост беше секој момент минат со овие момци. Ќе видиме што ќе ни донесе утрото“, заврши Милевски.