Потоп во Кардиф! (ФОТО+ВИДЕО)

Македонската фудбалска репрезентација го доживеа вториот најтежок пораз во историјата, загубивме од Велс со неверојатни 1-7, тажна беше оваа вечер во Кардиф, завршивме на третото место во групата и во баражот сме во последниот шишир.

Македонија доживеа вистински дебакл на гостувањето кај Велс, посакувавме реми, а доживеаме тежок пораз каков што никој не очекуваше.

Велшаните фуриозно го почнаа натпреварот, имаа сериозна шанса уште во втората минута, но Брукс биеше над голот на Димитриевски. Брзо потоа се заканивме и ние, Алими се проба од голема далечина, но шутираше високо над голот на домаќините.

Резултатот беше отворен во 18. минута кога Вилсон погоди од пенал за водство на Велс од 1-0. 

Само три минути подоцна, веќе беше 2-0, Брукс по асистенција од Џонсон ја затресе мрежата на Димитриевски и ја дуплираше предноста на Велшаните.

Но, ние брзо се вративме, во 23. минута контра-напад кој го реализираше Миовски за 1-2. Повторно бевме живо, но не за долго.

 

 

Во 37. минута убав гол на Џонсон кој со помош и на Костадинов погоди за предност на Велс од 3-1. Со тој резултат се замина на одморот.

Како што го играа првиот дел, така Велшаните продолжија и во второто полувреме, со високо темпо продолжувајќи да го полнат нашиот гол.

По една прекрасна акција во 57. минута Џејмс даде гол за водство на Велс и од 4-1. Тука се беше јасно кој ќе биде победникот, но Велшаните не прекинаа.

 

 

Во 75. минута Вилсон изведе фантастичен слободен удар и го матираше Столе Димитриевски за 5-1.

Шест минути подоцна, нов пенал за Велс, Вилсон го реализираше повторно за предност и од 6-1, но тоа не беше се.

Во 88. минута Бродхед се запиша во листата на стрелците за конечна победа на Велс од 7-1.