„Ова е различно од тоа што се случи на Олд Трафорд" 

И покрај сите успеси кои ги оствари со македонската репрезентација последните две години, со Благоја Милевски се поврзани двата најтешки порази во историјата на националниот тим.

Пред 2,5 години загуби на Олд Трафорд од Англија со 0-7, а вечерва, повторно на Островот, од Велс со 1-7 и тие резултати ќе остават голема дамка на неговиот селекторски мандат. По мечот во Кардиф, Милевски рече дека ппследниот меч е поразличен од тој во Манчестер, но впечаток е дека поразот од Велс е многу потежок од тој во јуни 2023 бидејќи Англија е неколку класи поквалитетна репрезентација од нашиот денешен противник.

„Ова е различно од Олд Трафорд, тоа беше друг меч и други квалификации, но, не смее да се случува вакво нешто. Ваков пад во концентрација, на индивидуален план, физички и тркачки. Нема оправдување за нашиот перформанс, но ова е различен меч од Олд Трафорд. Одиме понатаму, ќе го чекаме нашиот противник од четвртиот барабан. Сакавме да се вратиме во второто полувреме, ги искористив сите алатки на располагање, но не успеав.

На играчите им е најтешко, но карактерот на играчите го знам, не се сомневам дека ќе се вратат пак. Имало и потешки времиња од ова, во спортот има и такви моменти“, рече Милевски.